Општина Могила

Општина Могила — општина во Пелагонискиот Регион, во југозападна Македонија. Создадена е со територијалната поделба од 1996 година, а со новата територијална организација предвидена со законот од 2004 година, кон поранешната општина Могила е припоена и Општина Добрушево.

Грб на Општина Могила

Географија

Могила лежи во Пелагониската рамнина, претежно јужно од реката Шемница, односно помеѓу стариот пат Битола-Прилеп (сега регионален пат Р-106) и Река Црна на просечна надморска височина од 583 м. Општина Могила е средно-голема рурална општина, зафаќа површина од 251,2 км2 и се наоѓа во југозападниот дел на Р. Северна Македонија.

Според апсолутната надморска височина, се вбројува во општините со малку потпросечни вредности во државата. Всушност, територијата на оваа општина зафаќа простор во средишните делови на Битолското Поле, а населбите се наоѓаат распоредени во сливното подрачје на Црна Река и долното течение на нејзината десна притока Шемница и лежат во нивните алувијални делови.

Има правец на протегање северозапад – југоисток. Од север се граничи со општините Демир Хисар, Крушево и Кривогашатани, од исток и југоисток со општините Прилеп и Новаци, од југи од запад со општината Битола.

Има прилично добра географска положба и сообраќајна поврзаност, бидејќи низ нејзиниот централен дел минува магистралниот патен правец Е – 106 и железничката пруга Битола – Прилеп. Исто така, од големиот градски центар Битола , централната населба Могила се наоѓа на оддалеченост од само 10 км.

Вкупната територија на општината зафаќа 22363 ха, а ја сочинуваат катастарските општини на 23 села и тоа:

-Могила = 2571,39 ха, -Беранци = 2018,52 ха, -Вашарејца =706,81 ха, -Горна и Долна Чарлија =1089,06 ха, -Долно Српци =2371,16 ха, -Ивањевци =1725, 72 ха, -Лознани =906,94 ха, -Новоселани =534,19 ха, -Подино =629,82 ха, -Радобор =860, 31 ха, -Свето Тодори =1118,31 ха, -Трновци =1165,51 ха, -Добрушево =1649,16 ха, -Дедебалци =1207,88 ха, -Мусинци =1157,55 ха, -Ношпал =1047,80 ха, -Мојно =1335,90 ха, -Алинци =394,22 ха, -Путурус =645,20 ха, -Црничани =1251,59 ха, -Трап =622, 68 ха, -Будаково =562,69 ха, Вкупно во општина Могила =22363,7 ха

Оддалеченост на населените места во општина Могила од центарот на општината с. Могила.

Могила: Алинци 11 км, Беранци 10 км, Будаково 9 км, Вашарејца 12 км, Г. и Д. Чарлија 7,5 км, Дедебалци 11 км, Добрушево 12,5 км, Д. Српци 13 км, Ивањевци 16 км, Лознани 15 км, Мојно 21,5 км, Мусинци 18 км, Ношпал 15,2 км, Новоселани 18 км, Путурус 15 км, Подино 21 км, Радобор 5 км, Св. Тодори 22 км, Трап 8 км, Трновци 24 км, Црничани 16 км.

Историја

Пелагониската Котлина е една од најголемите котлини во Македонија која го зафаќа нејзиниот југозападен дел. Могила се наоѓа во средишниот дел на Пелагонија на десетина километри североисточно од Битола.

Први истражувачки чекори на праисторија во овој крај на Пелагонија се направени во периодот помеѓу двете светски војни што се состоеле во мали ископувања. Во периодот од 1973 година па до денес со цел да се утврди бројот на наоѓалишта, Заводот, Музеј и Галерија од Битола изврши ископувања на теренот и откри повеќе праисториски наоѓалишта, почнувајќи од неолитот, бакарното, бронзеното, па сè до крајот на железното време. Од сите истражувања и ископувања во Пелагонија може да се констатира дека праисториските наоѓалишта – тумби најзастапени се во населбата Могила. Тоа се вештачки височинки, создадени од натрупување на слоеви на кои се формирале населбите. Селото Могила, најверојатно и името го добило по повеќето тумби-могили распоредени по целото село.

За селото Могила првите податоци ги сретнуваме за време на владеењето на Византија, XI и XII век. во документите, преписките на Теофилакт Охридски (Охридски Архиепископ). Селото Могила се споменува како стопанство на Охридската црква. Во првите турски документи од 15 век 1467-68 г. “Опширни пописни дефтери” селото Могила се споменува како мезра Могилани, односно село Могила и брои 103 семејства. Во повоениот период после 1944 година формирана е Могилската општина како една од петнаесетте новоформирани на подрачјето на Битола. Во неа влегувале пет села: Долно Оризари, Горно Оризари, Карамани, Трн и Могила.

 
ГодинаНас.±%
194812.222—    
195314.012+14.6%
196114.228+1.5%
197113.503−5.1%
198113.386−0.9%
199110.022−25.1%
19947.333−26.8%
20026.710−8.5%
Забелешка: Податоците се однесуваат на населените места во Општина Могила според административната поделба од 2004 година.
Извор: Државен завод за статистика на Република Северна Македонија

Клима

Во термички поглед Пелагонија има модофицирана умерено континентална клима со чисто изразени годишни сезони. Зимата е влажна и студена, а летото топло и суво. Есента е знатно потопла од пролетта и преминот од зима кон лето е побрз отколку обратно. Просечната годишна сума на сончевиот сјај во Пелагонија изнесува 2332 часа. Просечната годишна температура изнесува 11,5 ºС. Средно годишно максимална температура е 17,4 ºС, а средно годишно минимална 5,3 º С.

Врнежите се полн одраз на медитеранското климатско влијание на овој елемент. Летните месеци се со малку врнежи, а доцните есенски се најврнежливи. Врнежите се најчесто од дожд просечно 70-80%, а снегот е ограничен воглавно во зимските месеци.

Мразниот период е долготраен во просек започнува во октомври, а завршува во мај, но стварниот број на мразни денови е знатно помал од деновите на просечниот мразен период.

Просечно годишно во Пелагонија паѓаат 610мм дожд. Ветровите се воглавно од север и југ, а поретко се од останатите правци.

Недостигот на врнежи и влага во летниот период во многу се компензира со хидромелиоративниот систем на Пелагонија – системот за наводнување.