Еразмус проекти на ОУ„Браќа Миладиновци“ с.Добрушево

Еразмус проекти на ОУ„Браќа Миладиновци“ с.Добрушево

Слики за Еразмус извештај

I Еразмус+ проект

ОУ „Браќа Миладиновци“ – Добрушево е учесник во проектот „A magical dream: Animal assisted therapy for disabled students“ („Полесно учам со моето милениче“), под програмата Еразмус+, Клучна акција 2: Стратешки партнерства. Проектот ќе трае 24 месеци почнувајќи од 01.09.2017 и завршува на 31.08.2019. Училиштето е партнер во проектот заедно со следните училишта:

  1. Osnovna škola Josipa Matoša – Vukovar, Hrvatska
  2. Inonu Ilkokulu – Toroslar-Mersin, Turkey
  3. Istituto Comprensivo di Tavagnacco – Tavagnacco, Italy
  4. Szent Imre Katolikus Általános Iskola és Jó Pásztor Óvoda – Eger, Hungary

Целта на овој целокупен проект е да им се помогне на учениците со потешкотии во учењето. Според истражувањата, интеракцијата на децата со животните е многу корисна за нивниот емоционален, социјален и психолошки развој. Во последните години, во светот, се почесто се користат животни во образовниот процес, бидејќи тие им помагаат на учениците полесно да ги совладаат содржините и да добијат поголема мотивација за учење.

Приоритетот на овој проект е зголемување на интересот за учење и самодовербата на учениците со потешкотии, а со тоа подобрување на нивните вештини и знаења, со примена на нови кооперативни и иновативни практики.

Планирани се многу активности со учениците, и пет средби нa наставниците од сите партнерски училишта со заеднички активности

Активности на учениците:

Скајпконтакт меѓу учениците од Македонија и Италија: Учениците од двете училишта преку Скајп контакт се запознаа и наизменично, си ги претставуваа  своите домашни миленици на англиски јазик, притоа покажувајќи го и претходно нацртаниот цртеж од миленичето.

Литературни конкурси на тема „Посвоив милениче“ со стихотворби и раскази за своето посвоено милениче и „Приказни со животни“, од кои најдобрите три  беа илустрирани со цртежи од страна на учениците и беше направена „електронска сликовница“

Фото конкурс, со тема „Миленичињата – дома“: Учениците прават фотографии со своите миленичиња – дома, во различни ситуации, кога играат, кога учат….и од збирката на фотографии се прави видео „Миленичињата – дома“

Скајпконтакт меѓу учениците од Македонија и Унгарија: Учениците од двете училишта пишуваа приказна според испратени фотографии за спасеното од улица и посвоено милениче. Преку Скајп контакт се запознаа и наизменично, ги читаа своите измислени приказни и оригиналната приказна за миленичето на англиски јазик.

Активности на наставниците:

Транснационален состанок во Турција: октомври 2017 – Наставниците од сите партнерски училишта во градот Мерсин, одржаа состанок со цел да се договорат сите активности и временската рамка за нив. Се дискутираше поодделно за секоја планирана средба и за сите активности кои ќе треба да се реализираат во текот на наредните две години, сите училишта го претставија своето училиште и своето место на живеење со видео или PPT презентација, беше избрано лого на проектот.

LTT (learning-teaching-training) aктивности во Хрватска: јануари 2018 – Наставниците преку работилници беа активни учесници во обуката за Теоретските основи и практичните аспекти на ААТ (Animal Assisted Therapy): Што е ААТ, Типови на интеракција со помош на животни и придобивки од неа, подготовка на учениците, училницата и животното за активностите, Презентација на видеа и практични примери на планови за наставен час со користење на животни, начини како да се евалуираат резултатите и постигнувањата и изработка на планови за наставен час од страна на наставниците.

Наставниците од секое училиште кои се активни членови во проектот реализираат часови со користење на животно.

LTT aктивности во Турција: јуни 2018 – Секое партнер училиште ги презентира своето видео или PPT презентација од литературните творби на учениците,  електронската форма од Сликовниците со Приказни за животни од страна на учениците, и видеото од фотографиите на учениците. Дискусија за реализираните часови со животно: плановите за час, текот на активностите на часот, евалуацијата и придобивките. Посета на часови со животни кај наставниците од училиштето – домаќин.

Дисеминација на обуката за реализирање на наставни и воннаставни активности со животни на училишно ниво од страна на членовите од проектниот тим со цел придобивките од работата со животни во наставните и воннаставните активности да бидат објаснети, и новите иновативни практики да бидат применувани од што поголем број наставници, во интерес на учениците со потешкотии.

LTT (learning-teaching-training) aктивности во Италија: октомври 2018 –осврт на сите досегашни успешни активности, потсетување сите фотографии, видеа и документи од активностите да се споделуваат на: еTwinning – платформата, веб сајтот на проектот и Мobility tool – платформата. Планирање на заеднички проект меѓу учениците од сите партнер училишта во кој комуникацијата и соработката меѓу учениците ќе се одвива преку интернет. Беа договорени следните активности на проектните партнери, беа дадени примери за дисеминација на придобивките од проектот, наставниците дискутираа за иновативни техники и методи на учење кои се користат во различните партнер училишта и разменуваа добри практики. Се дискутираше и за позитивните и негативните страни на користењето на ИКТ во наставата.

Покрај сите активности, целта на проектот е запознавање со културата, традицијата, историјата и природните убавини на земјата – домаќин, како и на училиштето и локалната заедница.

Од 25 март до 29 март, нашето училиште ќе биде домаќин на LTTА. Гости ќе бидат колегите од сите партнер училишта, од Италија, Унгарија, Турција и Хрватска.

 

 II Еразмус+ проект

ОУ „Браќа Миладиновци“ – Добрушево е учесник во проектот „Мagical Math – 6 stations 60 materials(„Волшебна математика“), под програмата Еразмус+, Клучна акција 2: Стратешки партнерства зa училишни размени. Проектот ќе трае 24 месеци почнувајќи од 01.09.2018 и завршува на 31.08.2020. Училиштето е партнер во проектот заедно со следните училишта:

  1. Ballymacrickett Primary School – Glenavy, United Kingdom
  2. Dimotiko Scholeio Daliou 2 – Nicosia, Cyprus
  3. Carmen Felipe Gonzales – Manises, Spain
  4. Dimotiko Sxoleio Agias Marinas Neas Makris – Agia Marina Neas Makris, Greece
  5. Inonu Ilkokulu – Toroslar-Mersin, Turkey

Целта на овој проект е да се подобри наставата по математика, а со тоа и нивото на усвоени знаења на учениците. Обработката на наставните содржини на поинтересен и посликовит начин, ќе резултира со подобри резултати од страна на учениците. Наставниците од сите училишта ќе разменуваат материјали, идеи, нови наставни методи и техники. Ќе биде изработена збирка од 60 подготовки за наставни часови, со 6 интересни теми:

  • Математика со храна
  • Математика со музика
  • Математика со уметност
  • Математика со архитектура
  • Математика преку игра
  • Математика преку примери од секојдневниот живот

Наставниците ќе ги реализираат наставните содржини со своите ученици, а на секоја средба ќе набљудуваат часови од своите колеги. Како резултат на оваа соработка и размена на добри практики на наставниците, ќе се подобри наставниот процес и мотивацијата и успехот на учениците по предметот математика.

Од планираните 6 средби на наставниците, одржани се две.

LTT (learning-teaching-training) aктивности во Турција: октомври 2018 – Наставниците набљудуваа примери на добра пракса, со тема: Математика со храна. На часовите беше користено овошје, зеленчук, јаткасти плодови, зрнести растенија, пици… Со храната учениците полесно и поинтересно учеа собирање, одземање, множење и делење, наоѓање на дел од целото, размер, дропки, низи, мерење, работа со податоци…

Дел од тие активности наставниците ги применија и во нашето училиште.

LTT (learning-teaching-training) aктивности во Кипар: јануари 2019 – Наставниците набљудуваа примери на добра пракса, со тема: Математика со музика. На часовите беа користени различни инструменти: металофони, кавалчиња, триангли, тапани… се компонираа и се пееја  песни. Со музиката  учениците полесно и поинтересно учеа собирање, одземање, множење и делење,  дропки, низи, видови многуаголници. Со песна се учеше таблицата со 3, и својствата на многуаголниците

Дел од тие активности наставниците ги применија и во нашето училиште.

И секако покрај сите активности со математика наставниците се запознаа со културата, традицијата, историјата и природните убавини на земјата – домаќин, како и на училиштето и локалната заедница.