Повторно поврзување на луѓето од Могила – нов проект на ЕУ да помогне во обновата на поплавените патишта на Пелагонија

cq5dam.web.540.390

Наскоро ќе почне обновата на поплавените патишта во општина Могила

Една година по големите поплави, жителите на општина Могила се надеваат дека пролетниот период, кога се топат снеговите, а пролетните дождови можат да траат со денови, нема да донесе нови неволји во нивните животи.

Се уште се свежи сеќавањата кога минатата година, во три наврати, реките Црна и Шемница се излеаја, а водата тргна кон домовите, училиштата, нивите, предизвикувајќи огромни штети од кои селата во општина Могила се уште не можат целосно да закрепнат.

„Тоа беше поплава од епски пропорции, вистинска катастрофа“, вели Трајан Дараиловски, 80 годишен жител на Могила. „Силните ветришта и поројните дождови предизвикаа излевање на реките, а водата навлезе насекаде. Не се сеќавам некогаш да се случело нешто слично“.

Поплавите во Могила, сместена во срцето на Пелагонија, предизвикаа голема штета на локалната економија. Селата беа отсечени од двата големи центри во овој дел на земјата, Прилеп и Битола, а оштетените патишта го спречија нормалното работење на земјоделците, сточарите и малобројните стопанственици од Могила.

„Општина Могила произведува една десетина од вкупното производство на тутун во Македонија“, објаснува градоначалникот на Могила, Стевче Пивковски. „Тутунот  беше уништен во поплавите, како и поголемиот дел од сончогледови полиња. Локалното население знае што е макотрпна работа и ги вложува сите сили да продолжи да произведува. Затоа, наша приоритетна задача е да им овозможиме услови, да ги обновиме патиштата, за да може работата непречено да се одвива“.

Сепак, обновувањето на локалната инфраструктура е скапа задача за една рурална општина во која нема фабрики или поголеми компании за да придонесуваат во општинскиот буџет. Локалните власти не се во можност да соберат доволно средства за да отпочнат со реконструкција на локалните патишта, што за жителите на селата во општина Могила се од приоритетно значење.

„Патната инфраструктура претрпе најголема штета и нашата општина беше отсечена од светот“, раскажува Зоранче Кековски, советник во општината. „Образованието беше прекинато, а луѓето се изложени на дополнителни трошоци бидејќи мораат да користат заобиколни патишта да стигнат на работа, на училиште или до болница“.

Покрај ударот врз локалната економија, се појавија и проблеми со квалитетот на водата за пиење во некои села во општината. Водата од индивидуалните водоводи беше загадена и забранета за пиење.

Но, списокот на проблеми за жителите не завршува овде. Според Јасмина Гулевска, претседателка на општинската комисија за родова еднаквост, она што најмногу ги загрижува родителите е дека стотици деца неколку месеци не можеа да посетуваат настава затоа што некои од училиштата беа поплавени. „Учлилиштето Браќа Миладиновци во село Ношпал не може ниту да се санира, целосно е оштетено. Други две училишта беа делумно поплавени“, вели Јасмина. „Животот стана многу тежок, особено за постарите луѓе за кои одењето во болница е речиси невозможно“.

На повикот за помош од Пелагонија, одговори и Европската унија. Преку Програмата за санација на штетите од поплавите, Европската унија одобри мултилионски проект за да се помогне на напорите на државата да ја обнови оштетената инфраструктура во регионоите кои претрпеа најголеми штети од поплавите, вклучувајќи ги и селата во општина Могила.

За изградба на локалната инфраструктура, патишта во должина од 8 километри се одобрени средства и наскоро ќе почне санацијата по принципот„да се изгради подобро“ според модерни стандарди кои ќе придонесат патната инфраструктура да биде поотпорна на поплави.

Обновата на локалната патна инфраструктура во општина Могила е еден од осумте инфраструктурни проекти финасиран од програмата на Европската унија за санирање на штетите од поплавите. Сите проекти се имплементираат од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во партнерство со Секретаријатот за европски прашања, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Министерството за транспорт и врски, Јавното Претпријатие за државни патишта и локалната самоуправа во погодените општини.