Историја

opstina-mogila

Пелагониската котлина е една од најголемите котлини во Македонија која го зафаќа нејзиниот југозападен дел. Могила се наоѓа во средишниот дел на Пелагонија на десетина километри североисточно од Битола.

Први истражувачки чекори на праисторија во овој крај на Пелагонија се направени во периодот помеѓу двете светски војни што се состоеле во мали ископувања. Во периодот од 1973 година па до денес со цел да се утврди бројот на наоѓалишта, Заводот, Музеј и Галерија од Битола изврши ископувања на теренот и откри повеќе праисториски локалитети, почнувајќи од неолитот, енеолитот, бронзено, па се до крајот на железното доба. Од сите истражувања и ископувања во Пелагонија може да се констатира дека праисториските наоѓалишта – тумби најзастапени се во населбата Могила. Тоа се вештачки височинки, создадени од натрупување на слоеви на кои се формирале населбите. Селото Могила, најверојатно и името го добило по повеќето тумби-могили распоредени по целото село.

За селото Могила првите податоци ги сретнуваме за време на владеењето на Византија, XI и XII век. во документите, преписките на Теофилакт Охридски (Охридски Архиепископ). Селото Могила се споменува како стопанство на Охридската црква.

Во првите турски документи од 15 век 1467-68 год. “Опширни пописни дефтери” селото Могила се споменува како мезра Могилани, односно село Могила и брои 103 семејства.

Во повоениот период после 1944 година формирана е Могилската општина како една од петнаесетте новоформирани на подрачјето на Битола. Во неа влегувале пет села: Долно Оризари, Горно Оризари, Карамани, Трн и Могила.